Климатски активисти се собираат во Бијариц, Франција, во пресрет на самитот на седумте најразвиени земји во светот (Г7) што ќе се одржи овој викенд. После обуката во кампот, собраните активисти со сигурност ќе знаат што да прават и како да се однесуваат, пренесува Би-би-си.
Еколошки групи како АНВ, Алтернатива и Пријатели на Земјата организираа заеднички камп за повеќе од 1.000 активисти за да ги научат на ефективни начини на ненасилен протест. Така, во кампот се учи како демонстрантите ефикасно да ја блокираат полицијата и да одговорат на апсењата.
Би-би-си во својата објава покренува етичко прашање за исправноста на обуките за граѓаните кои поттикнуваат на граѓанска непослушност.
Леа Вавасер (21), координатор на една од активистичките групи, вели:
„Стигнавме до точка кога нашите политички лидери се неодговорни. Да не се грижиме за климата е неодговорно. Затоа ние ја преземаме одговорноста“.
Некои од акциите кои ги спроведуваат активистите не се легални, но еден од нив, Феликс Вев, истакнува дека се повеќе луѓе се интересираат за оваа обука.
Кристоф Руге (од полициска единица СЦСИ) смета дека полицијата е стигматизирана од екстремните левичарски групи. Тој истакна дека постојат стравувања оти може да има посериозен конфликт на протестите.