Нема повредени патници откако автобус на ЈСП се запалил во возење, пред околу еден час, пред општинската зграда во скопската населба Ѓорче Петров.
Автобусот со број 5 сообраќал од населбата Ѓорче Петров кон Ново Лисиче. Пожарот е пријавен во 9.25 часот во Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, која интервенирала со две возила и шест пожарникари.
Од ЈСП информираат дека возачот на автобусот за време на возењето забележал чад од горниот дел на возилото по што застанал и со ПП апарати интервенирал. Во меѓувреме забележал и искрење по што повикал екипа на Противпожарната бригада.
Двете противпожарни возила навреме пристигнале на местото и го изгаснале огнот.
Внатрешната контрола на ЈСП Скопје е излезена на терен и се утврдуваат причините за пожарот.
Во моментов, на терен се врши увид и од екипа на МВР.
Сообраќјот на улицата Ѓорче Петров во овој момент се одвива отежнато.
Фото: Пандорче Димитровска