Захарова: Седница на СБ на ОН поради американските ракети

Москва со поддршка од Пекинг побара да се одржи седница на Советот за безбедност на Обединети нации поради плановите на САД да развиваат ракети со среден дострел, потврди портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.

– Постојат индиции дека денеска СБ ќе одржи седница по повод плановите на САД за развивање и распоредување на ракети со среден дострел, на барање на Русија и Кина, посочи Захарова.

Барањето е упатено по објавувањето на американските планови за распоредување на ракети со среден дострел во Азија, во пацифичкиот регион.

– Тоа е само прв чекор, бидејќи САД во иднина би можеле такво оружје да распоредат и во други делови од светот, како што е Европа, наведе Захарова.

Захарова истакна дека акциите на Вашингтон претставуваат закана по глобалната стабилност.

Претседателот на Русија, Владимир Путин синоќа изјави дека САД се во позиција да распоредат нови крстосувачки ракети на копно во Романија и во Полска и оти тоа Москва го смета за закана на која ќе мора да одговори на соодветен и реципрочен начин.

Пентагон во понеделникот соопшти дека тестираше конвенционална крстосувачка ракета на островот Сан Николас во Калифорнија, која погоди мета по 500 километри лет. Тоа беше прво такво тестирање откако беше суспендиран Договорот за забрана на ракети со среден и мал дострел (ИНФ).

САД се повлекоа од Договорот ИНФ со Русија, откако со години ја обвинуваа Москва за негово кршење со распоредувањето на руски ракети ССЦ-8, кои можат да носат нуклеарно полнење. По повлекувањето на САД и Русија се повлече од ИНФ. Со тоа не важи Договорот за контрола на вооружувањето, со кој беше забрането развивање на ракети земја – воздух со дострел од 500 до 5.500 километри.

Треба да знаете
Последни објави