Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вели дека изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон за поддршка на идејата за обединета Европа од Лисабон до Владивосток, се прифатливи и за Берлин.
„Обединета Европа од Атлантикот до Пацификот не е само убедување на претседателот Макрон, исто така слушаме вакви изјави и уверувања од нашите германски колеги и многу други земји во Европа“, рече Лавров на прес-конференција по средбата со неговиот германски колега Хајко Мас.
Според Лавров, ваквиот став го отсликува фактот дека договорот постигнат пред скоро 30 години, во рамките на ОБСЕ, за потребата од создавање заедничка европска безбедност и хуманитарен простор е повеќе потребен денес отколку кога било досега.
Лавров посочи дека денес, заради голем број субјективни фактори, перспективата за формирање ваков голем европски дом е помаглива од порано и дека постои поголем ризик од фрагментација на тој простор, што може да предизвика да се изгуби заедничката европска цивилизација на глобалната сцена.
По состанокот со рускиот претседател Владимир Путин, Макрон на руски јазик напиша пост на Фејсбук во кој се вели дека „верува во Европа што се протега од Лисабон до Владивосток“ и дека Русија е „длабоко европска земја“.