Гостите на едно кафуле во општината Бискупија во близина на Книн го гледале фудбалскиот натпревар на „Црвена ѕвезда“ кога група маскирани мажи влегле во кафулето и ги нападнале, пренесува „Далмација данас“.
„Ме нападнаа затоа што јас сум Србин“, изјавил за медиумите Борис Петко, сопственикот на кафулето, во врска со настанот кој привлече внимание во регионот.
Тој објаснил дека вечерта почнала мирно, во кафулето имало околу 20 гости, меѓу кои и жени и деца. Инцидентот се случил околу 22 часот кога вратата на локалот насилно се отворила.
„Упаднаа маскирани, можеа да им се видат само очите. Во рацете имаа шипки и палки. Пцуеја и негодуваа зошто следиме натпревар на ‘Црвена ѕвезда’. Пороа настана хаос“, објаснил Петко.
„Тоа се случи само затоа што сум Србин. Не затоа што се викам Анте или Мате, туку затоа што сум Србин. Но, се надевам дека ќе бидат казнети. Што ќе беше ако во моменти на шок и гнев повредев некого? Среќа во несреќа е што во кафулето имаше државјани на САД, Франција, Германија и Велика Британија, па се надевам дека полицијата и судството ќе ја завршат својата работа“, кажал Петко.
Во нападот се повредени повеќе луѓе, а во болница биле пренесени петмина, пренесоа хрватските медиуми.