Во периодот од 15 јули до 18 август регистриран е зголемен број бегалци и мигранти кои по морски пат, од Турција пристигнале на грчките острови, според податоците од УНХЦР.
За нешто повеќе од еден месец, пристигнале 4.802 лица, наспроти 3.150 за истиот период лани, најголем број пристигнувања, 1.943 се регистрирани од 12 до 18 август, а заклучно со 18 август, во Грција дошле 29.068 бегалци и мигранти од кои 21. 987 по морски пат, jави дописничката на МИА од Атина.
Најголем број пристигнувања за периодот 12-18 август се регистрирани на островот Лезбос (803) што , воедно, и понатаму е најпогоден од бегалскиот и мигрантскиот бран со вкупно 9.057 лица сместени во прифатните центри.
Веднаш зад Лезбос се грчките острови Самос и Хиос. На првиот, има 2.707 бегалци и мигранти, на вториот 4.253.
Бројот на бегалци и мигранти на овие три острови е многу поголем од капацитетот што го поседуваат прифатните центри.
Според податоците на УНХЦР, на сите острови во Егејското море што се наоѓаат во близина на Турција, има 22. 700 бегалци и мигранти.
Алтернативниот министер за цивилна заштита, надлежен за мигрантска политика, Јоргос Кумуцакос во изјавата за грчката телевизија „Скај” вели дека причините за зголемениот бегалски и мигрантски бран кон Грција имаат јасни геополитички карактеристики.
-Навремено ги истакнав сериозните знаци и пораки што постоеја за претстојната експанзија на бегалските/ мигрантските бранови кон Грција, односно кон Европа. Причините не се ограничени на поволните временски услови. Имаат јасни геополитички карактеристики. Доволно е да се набљудува развојот на настаните во источниот Медитеран, вклучително и ситуацијата во односите на Турција со ЕУ и САД, вели Кумуцакос.
Тој додава дека на сите негови меѓународни средби истакнал дека прашањето со бегалците и мигрантите е „заеднички предизвик за кој се потребни заеднички напори и заеднички решенија”, но и дека „справувањето ги надминува можностите на Грција”.