Индонезија ќе изгради нов главен град во провинцијата Источен Калимантан на островот Борнео, изјави министерот за просторно планирање на земјата, Софијан Џалил.
Претседателот Џоко Видодо минатата недела и официјално му предложи на парламентот преместување на главниот град од Џакарта, кој е премногу загаден и пренаселен со околу 10 милиони луѓе, во Калимантан, пренесе агенцијата АП.
Индонезиската страна на Борнео има пет провинции, познати по тропските шуми, орангутаните и резервите на јаглен.
„Да, локацијата ќе биде во Источен Калимантан, но уште не знаеме каде точно“, потврди Џалил.
Конечна одлука сè уште не е донесена, но за подобра поврзаност во архипелагот, главниот град би требало да биде на брегот.
Преселбата на административниот центар би чинела околу 33 милијарди долари, вклучувајќи ги и новите канцеларии за владата, како и домовите за околу 1,5 милиони државни службеници, чие населување се очекува да се случи во 2024 година.