Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Филип Коснет, по денешното гласање за распуштање на Собранието и започнување на процесот на предвремени избори, оцени дека одлуката што ја изгласаа косовските народни избраници претставува значаен чекор кон формирањето нова влада, јави дописникот на МИА од Приштина.
Коснет преку објава на Твитер изрази очекување дека во изборната кампања која ќе следува, кандидатите за пратеници ќе настапат со нови идеи за преговорите со Србија, владеењето на правото и економскиот равој на Косово.
– Собранието презеде значаен чекор кон формирање нова Влада. Една кампања во која кандидатите ќе понудат нови идеи за преговорите со Србија, владеењето на правото и економскиот развој ќе дадат гаранција дека Косово нема да изгуби уште повеќе време за изградба на темели за иднината, порача Коснет.
Косовското собрание денеска донесе одлука за самораспуштање, по што претседателот на државата Хашим Тачи треба да го прогласи датумот на предвремените избори. Повикувајќи се на извори од кабинетот на Тачи, медиумите објавија дека тој планира да ги закаже изборите за 6 октомври, а одлуката ќе ја објави утре или најдоцна в понеделник, на 26 август.