Знам дека станавте премиер пред само неколку недели, но дека односот на нашите земји е многу важен за вас, рече францускиот претседател Емануел Макрон во изјавата со која го пречека грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во Елисејската палата, јави дописникот на МИА.
– Кога Грција беше во криза, поддршката на Франција беше важна. Ова не ја одзема големата храброст што ја покажа грчкиот народ и нивната одлука да останат во еврозоната, додаде Макрон.
Францускиот претседател зборуваше за „долгото пријателство засновано врз културата” и истакна дека Франција верува во обединет фронт на ниво на ЕУ за да се соочи со заедничките предизвици.
– За новата стратешка агенда за Европа ќе се расправа веднаш штом ќе се свика новата Европска комисија, рече тој, истакнувајќи дека нејзините приоритети треба да бидат растот, борбата против невработеноста и заедничкиот буџет на еврозоната.
Макрон истакна дека Франција сака да ја зајакне и одбраната.
Во однос на активностите на Турција во кипарската ексклузивна економска зона изрази солидарност и повика на поголема соработка за ова прашање.
Тој, исто така, го постави прашањето за климатските промени, осврнувајќи се на пожарите во Грција ова лето и рече дека „прашањето за климата ќе биде во првите планови” во Европа.
Макрон го повтори задоволството од посетата на Мицотакис на Париз. – Моето пријателство со вашата земја и грчкиот народ е пријателство што е важно за Европа и за иднината на сите, рече Макрон.
Од своја страна, Мицотакис упати покана до француските претприемачи и инвеститори да се приклучат на развојот на Грција.
Тој рече дека Европа треба да ги штити своите граѓани и го повтори барањето на претседателот Макрон да се воспостави постојан механизам за цивилна заштита во ЕУ.
– Франција е стабилен пријател на Грција. Грција го повторува своето влијание во Европа, која останува наш природен дом, рече грчкиот премиер при пристигнувањето во Елисејската палата.