Министерот за култура Хусни Исмаили денеска оствари работна посета на повеќе институции од областа на културата во Тетово, каде што се информираше за текот на реализацијата на проектите од сите дејности во културата.
Како што соопшти Министерството за култура, во рамки на посетата Исмаили се запозна и со текот на изградбата на објектот на културно-образовниот центар во кој ќе биде сместена библиотеката и театарот од овој град.
Тој истакна дека со реализацијата на проектот за изградба на објектот, граѓаните на Тетово ќе добијат ново репрезентативно место за остварување на културните активности, место во кое љубителите на уметноста ќе имаат можност да уживаат во творештвото на врвните уметници, а воедно ќе се овозможи и зачувување на големото културно и книжевно богатство што го поседува овој град.
Исмаили го посети и Музејот на тетовскиот крај, каде од директорот на оваа институција беше информиран за текот на реализацијата на проектите кои се поддржани од Министерството за култура во рамки на Годишната програма.
Во рамки на посетата министерот за култура го посети и симболот на градот, познатото Тетовско кале – Бал Тепе каде по завршувањето на административните процедури треба да отпочнат активностите за непосредната заштита односно конзервација на влезната партија во тврдината.