Косовскиот премиер во оставка и лидер на Алијансата за иднината на Косово (ААК) Рамуш Харадинај, по денешното гласање за распуштање на Собранието, што води кон предвремени избори во земјата, изјави дека денеска Косово покажа висока политичка свест и зрелост, јави дописникот на МИА од Приштина.
Храдинај по собраниската седница изјави пред новинарите дека е сега во рацете на граѓаните да одлучат кој ќе ја води земјата во иднина.
– Денешното гласање во Собранието го ценам како израз на политичка зрелост на Косово и на политичките субјекти. Цврсто сум уверен дека граѓаните ќе го искористат своето право да одлучат кој ќе ја води земјата во идниот период. Ме радува што ова се случи со таква висока политичка свест, изјави Харадинај.
Косовското Собрание денеска со двотретинско мнозинство – 89 гласа за, еден воздржан и два против, од вкупно 120-те пратеници – одлучи да се распушти, по што се очекува претседателот на државата Хашим Тачи да го објави датумот на предвремените избори.
Тачи, според извори од неговиот кабинет, планира да ги закаже изборите за на 6 октомври, а одлуката ќе ја објави утре, или најдоцна в понеделник, на 26 август.
По оставката, пред нешто повеќе од месец дена, на премиерот Рамуш Харадинај, косовските парламентарни партии, и од власта и од опозицијата, се договорија Собранието да се самораспушти на 22 август, по што претседателот Тачи треба да ги прогласи предвремените парламентарни избори.