Словенечкиот премиер Марјан Шарец изјави денеска дека ќе се заложи за изградба на вториот блок во нуклеарната електрана „Кршко”, за во иднина Словенија да има доволно сопствена енергија.
– Ние мора да ги вложиме сите напори во градењето на вториот блок затоа што ќе ни треба се повеќе електрична енергија, особено ако сакаме да бидеме просперитетна земја, рече Шарец на состанокот со раководството на нуклеарката.
Според него, поради промените што се случија во областа на енергетиката, Словенија наскоро ќе треба да одлучи во која насока ќе се развива.
– Словенија е „нуклеарна држава” затоа што добиваме значителна количина енергија од нуклеарната централа и нејзиното отсуство многу брзо ќе го почувствувавме, рече Шарец, потсетувајќи дека Словенија од „Кршко” добива една третина од електричната енергија.
Нуклеарната централа „Кршко”, со номинална сила од 696 мегавати, е изградена од американскиот „Вестингхаус” и започна со работа во 1981 година. Таа е во заедничка сопственост на Словенија и Хрватска.
Словенија од „Кршко” обезбедува значителен дел за националниот енергетски биланс. Централата повеќе пати беше модернизирана и во моментов има дозвола за работа до 2043 година.