Работните групи на власта и опозицијата кои треба да се договорат за Законот за Јавно обвинителство со кој треба да се реши статусот на Специјалното јавно обвинителство ќе остварат средба од понеделник. Следната недела законот треба да оди во Собрание каде е закажана седница за вторник.
Според извори од СДСМ, средбата која требаше да се одржи вчера е одложена поради технички причини.
Последната средба меѓу работните групи на власта и опозицијата за Законот за јавно обвинителство се одржа во јули и иако се очекуваше тие да продолжат со работа од почетокот на оваа недела, тоа не се случи.
Во меѓувреме позициите на двете страни се непроменети. Власта, како што повеќе пати потенцира е подготвена да одговори на одредени барања на опозицијата, но сепак црвената линија е бескомпромисната борба против криминалот, додека, пак, опозицијата е на став дека не прифаќа автоматско префрлање на јавните обвинители од СЈО во новоформираното Обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција, ниту тоа да биде предводено од Русковска.
Пратеникот од СДСМ Костадин Костадинов вчера рече дека очекуваат како партија и апелираат на првата седница по завршувањето на одморите на пратениците да биде Законот за Јавното обвинителство.
-Суштинска е потребата од носењето на еден таков закон, а се во интерес на воспоставувањето на правната држава во Република Северна Македонија. Очекувам сите мои колеги пратеници да се издигнат навистина над партиските интереси и во функција на правото, правната држава и секако во интерес на граѓаните со консензус да го донесеме Законот за Јавното обвинителство, истакнува Костадинов.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, пак, рече дека е потребен консензус за законскиот текст и за да се донесе законот.
-За да биде постигнат консензус прашање е колку власта сака и натаму да турка скриена амнестија за државната мафија и оние кои што се вклучени во „Рекет”, „Леонардо” и останатите други корупциски скандали или сака вистински Закон за борба против корупцијата и криминалот, рече Стоилковски.