Македонската фудбалска репрезентација до 18 години, предводена од селекторот Шкумбин Арслани, го освои третото место во 26. издание на меѓународен турнир „Вацлав Јежек“ во Чешка. Покрај македонските надежи и домашната селекција настапија и соодветните државни тимови на Украина, Словачка, Латвија и Унгарија.
По освоеното второ место во групната фаза (пораз 2:1 од Украина, и победа 3:2 над Словачка) денеска Македонија во натпреварот за третото место убедлива со 3:0 ја победи Унгарија.
– Овие момци потврдија дека имаат квалитет кој допрва ќе дојде до израз. Жалиме за поразот од Украина, бидејќи бевме подобри, но одиме напред кон нови предизвици. Верувам во овие момци и знам дека можат повеќе. Ова победа му ја посветуваме на нашиот голман Марко Алчевски кој е во процес на рехабилитација по операцијата на коленото. Сите ние му посакуваме што побрзо да се врати на зелените терени, изјави селекторот Арслани.