Турски копнени сили наскоро ќе влезат во планираната безбедносна зона во северниот дел на Сирија, соопшти денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.
Турција и САД неодамна се согласија да формираат заеднички центар за планирана безбедносна зона долж сириската северна граница, но без детали за големината на таа зона и командната структура.
– Бавно напредуваме во настојувањата да воспоставиме безбедносна зона, истакна Ердоган.
Турција претходно му соопшти на Вашингтон дека нема да толерира натамошни одложувања на примената на тој договор и самостојно ќе ја продолжи прекуграничната офанзива за чистење на границата од милициите на сириските Курди доколку е потребно.
Ердоган изјави дека постои напредок во плановите за воспоставување безбедносна зона, но дека Турција подготвила и свои планови доколку нејзините очекувања не бидат исполнети.
– Наши беспилотни летала и хеликоптери влегоа во тој регион. Наскоро ќе им се придружат и копнени трупи, додаде турскиот претседател.