Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Република Србија, предводена од претседателката на Владата, Ана Брнабиќ.На средбата беше потврдена долгогодишната соработка меѓу двете земји која, како што потенцираа претседателот Пендаровски и премиерката Брнабиќ, интензивира во последните неколку години.
Претседателот Пендаровски изјави дека уште еден доказ за продлабочување на меѓусоседските односи меѓу Северна Македонија и Србија е денешната посета на премиерката Брнабиќ и отварањето на заеднички граничен премин Табановце – Прешево, како еден од клучните елементи на коридорот 10. Овој проект, како што истакна претседателот Пендаровски, е особено значаен за развојот на економската соработка меѓу двете земји.
Соговорниците разменија мислења за прашањата од заемен интерес во регионот, како и процесот на европска интеграција и во таа насока размената на искуствата од патот кон ЕУ може да биде од корист на двете земји.