Мигрантите, кои на почетокот на мај оваа година киднапираа 79-годишен Словенец и му го украдоа неговиот автомобил за да стигнат во Италија, се осудени на затворска казна откако признале вина.
Осумнаесетгодишниот Алжирец и 25-годишниот Мароканец се осудени на една година и девет месеци затвор и протерување и забрана за влез во Словенија во текот на пет години по издржување на казната.
Постапката против третиот киднапер, алжирски државјанин, се води одвоено додека не се утврди неговата возраст. Годината на раѓање што ја кажал пред судот и годината што ја навел во барањето за азил не биле исти. Тој сега тврди дека е малолетен.
На почетокот на мај група мигранти нападнаа 79-годишник кој работел во лозје. Тие го врзале старецот и го ставиле во багажникот на неговиот автомобил, а потоа го исфрлиле во шума на другиот крај на државата од каде што тргнале и избегале во Италија.
Италијанската полиција набргу ги вратила во Словенија и од тогаш се во притвор. Обвинети се за нелегален влез во државата, киднапирање, грабеж и кражба на моторно возило.
На судењето се извиниле за своите постапки правдајќи се дека се во тешка психичка состојба по долгиот пат кон западна Европа.