Двократниот атлетски олимписки шампион на 800 метри Дејвид Рудиша објави дека преживеал тешка сообраќајна несреќа во родната Кенија. Несреќата се случила во саботата доцна вечерта кога на патот од Најроби до Кисума му пукнала гума на џипот кој го управувал и удрило во автобус. Полицијата соопшти дека во несреќата нема починати лица.
„Добро сум, не сум повреден. Благодарам за молитвите“, објави Рудиша на социјалните мрежи.
Рудиша два пати во кариерата бил олимписки шампион на 800 метри (во Лондон 2012 и Рио де Жанеиро 2016 година), а има и две светски титули (2011, 2015).
Поради проблеми со коленото и грбот тој последен пат се појави на атлетските патеки во мај 2017 година, во натпреварите од Дијамантската лига. Кенискиот атлетичар и покрај повредите веќе ги започнал подготовките за Олимписките игри во Токио, каде ќе се обиде трет пат да победи во својата омилена дисциплина.