На првиот ден од тематскиот Амбасадорскиот совет „Европската перспектива на Република Северна Македонија“ кој во организација на Министерството за надворешни работи се случува денес и утре, беа одржани работни сесии на министерот за надворешни работи Никола Димитров, претседателот на државата, Стево Пендаровски и претседателот на Собранието, Талат Џафери со амбасадорите на Република Северна Македонија акредитирани во земјите-членки на ЕУ, на кои се дискутираа сите аспекти релевантни за остварување на целта – одлука за почеток на пристапните преговори со ЕУ во октомври, како и активностите кои ќе следат по истата.
При интензивната размена на мислења, во насока на финализација на конкретните следни чекори и кохерентна аргументација во пресрет на нашите европски аспирации поврзани со октомврискиот Совет за општи работи на ЕУ, во своето обраќање, Димитров истакна:
„Се наоѓаме во клучна фаза од нашето европско патување. Изгубивме доволно време заклучени во чекалната пред сè заради едно политичко билатерално прашање, кое со голем напор успеавме да го решиме. Паралелно, трансформативните чекори што ги направивме на домашно-реформски план, и покрај сите грешки и предизвици со кои се соочуваме, неспорно е дека се препознанени, како од Европската комисија, така и од разни реномирани меѓународни и странски институции. Со оглед пак на сите предизвици и кризи во светот, како и во самата ЕУ, процесот на европско проширување или пак да бидам попрецизен – европско комплетирање, во иднина ќе станува сè понеизвесен. Затоа, во претстојниов период, мора да ги вложиме сите наши напори, ресурси и енергија, секој од својот аспект и да го истрчаме последниот километар пред да се качиме на возот за продлабочено ервопско патување. Позитивниот исход во октомври ќе значи не само признание за нашите индивидуални заслуги, туку и потврда на кредибилноста на европската перспектива за нашиот Регион, како и силна порака за проевропските сили и вредности.”
Работните сесии продолжуваат и утре, кога покрај министерот за надворешни работи Никола Димитров, со амбасадорите ќе разговараат и претседателот на Владата, Зоран Заев и потпретседателот задолжен за европски прашања, Бујар Османи.