Презентирана студијата за валоризација на „Водно“

Во присуство на претставници на стручната и научната јавност, на невладините организации, медиумите и заинтересираните граѓани денеска во салата на Советот на Град Скопје се одржа презентацијата на „Студијата за валоризација на заштитеното подрачје парк – шума Водно“.

– Оваа студија доаѓа во моментот кога околу 90% од градежните активности за изградба на гасоводот на Водно се завршени и кога 100% од дрвјата кои беа на трасата предвидена за гасовод се пресечени – може да заклучиме дека, освен помали проблеми, изградбата течеше во согласност со предвиденото и не се случија поголеми штети. Минатата година Градот беше на спротивставена страна во преговорите со Владата и со МЕР. Кога видовме дека измената на трасата за гасоводот е невозможна, поради финансиските и временските импликации врз гасификацијата во државата, го извадивме максималниот бенефит за граѓаните, ја намаливме и видоизменивме постојната траса и кога се уверив дека тоа е оптимумот што може да се постигне се даде зелено светло да може да се изгради гасоводот. Токму поради потребата од постојана грижа за зеленилото и ревитализација на Водно изработена е оваа студија од страна на стручен тим, која укажува на потребата од заштита, но и од поквалитетно управување со парк-шумата Водно – рече на денешната презентација градоначалникот Шилегов.

Подрачјето на парк-шумата Водно како предел со посебни природни карактеристики, прогласено е за заштитено подрачје според Законот за заштита на природните реткости со Одлука за прогласување на планината Водно за парк-шума и нејзина заштита донесена од Собранието на Град Скопје донесена 1991 година.

– Поради потребата за зачувување на планината, односно заштита на биолошката разновидност, изработена е Студијата за валоризација на Парк-шумата „Водно“, во која главен акцент е даден на идентификацијата и валоризацијата на важните екосистеми и живеалишта, како и на поединечните видови растенија, габи и животни и нивната застапеност на меѓународните листи за заштита на биодиверзитетот. Оваа студија е најсеопфатен документ за Водно било кога направен. Досега, студија со вакви податоци и ваква валоризација овој град не добил и не изработил и токму заради тоа, според мене, откако ќе ја докорегираме и кога ќе биде предмет на донесување од Советот на Град Скопје ќе биде стратешки документ. Согласно оваа студија се препорачува формирање на две советодавни тела: советот на засегнати страни и научен совет. Во советот на засегнати страни предвидуваме да бидат вклучени единиците на локална самоуправа чија територија директно е засегната од заштитата на Водно, здруженија на граѓани од областа на заштитата на животната средина, подрачни единици на органите на државната управа, државни јавни претпријатија и установи кои вршат дејности и активности на територијата на заштитеното подрачје и јавни претпријатија и установи чија дејност е поврзана со заштита на животната средина и зачувување на парк-шумата Водно. Во научниот совет се предлага да членуваат претставници на државни и локални установи, други правни лица регистрирани за вршење научноистражувачка дејност од областа на биолошката и геолошката разновидност, како и лица кои самостојно вршат научноистражувачка дејност од областа на биолошката и геолошката разновидност – додаде Шилегов.

Тој истакна дека значењето на Водно од аспект на биодиверзитетот е големо, а напорите на Град Скопје се насочени кон зачувување на природата и заштитата од пожари.

– Минатиот период преземавме мерки за поздрава животна средина и почист простор за спорт и рекреација со тоа што во голема мера го намаливме движењето на возилата за време на викендите и празниците преку воведување скапо зонско паркирање на Водно. Во истиот период им овозможивме на граѓаните бесплатни автобуски линии до Средно Водно. Во летниот период преземаме и превентивни, едукативни активности за елиминирање на можноста за настанување шумски пожари. За жал, годинава имавме четири евидентирани пожари на падините на нашата планина. За среќа брзо и успешно се справивме со нив. Како идни активности на Градот во насока на зачувување на Водно е изработка на студијата за туристичко-рекреативен центар Водно и маркирање на постојни планинарски патеки на Водно и изработка на мапа со тежина на рути и маркација со GPS. Особено внимание посветуваме на велосипедизмот и користењето на патеките од страна на пешаците и планинарите. Водно е клучно за квалитетот на амбиентниот воздух во Скопје и квалитетот на животната средина. Оваа градска администрација е во целост посветена на подобрување на квалитетот на воздухот и животната средина, со цел да овозможиме подобри услови за живот на сите. Тоа е наш приоритет, бидејќи нема ништо поважно од здравјето на граѓаните и нема ништо поважно од здравјето на нашите деца – нагласи Шилегов.

Предмет на оваа студија е ревизија на постојната Студија за валоризација на природните вредности на Парк-шумата „Водно“ од 2009 година. Со оглед на тоа што во 2012 година МЖСПП донесе нов Правилник за содржината на студијата за валоризација или ревалоризација на заштитено подрачје, извршено е нејзино ревидирање, односно пополнување со нови содржини согласно правилникот.

Град Скопје го реализира проектот „Заштита на природното богатство и пејсаж на комплексот Водно, Сарај и Матка“ во рамките на проектот „Подобрување на управувањето на заштитените подрачја“ кој е финансиран од Европската Унија, преку ИПА 2 – Секторската оперативна програма за животна средина и климатска акција 2014 – 2020, а се спроведува од страна на УНДП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање. Изготвувач на студијата е Унига Стил од Скопје. Целта на проектот е да го подобри управувањето со заштитените подрачја на подрачјето на Град Скопје, преку воспоставување управувачка структура, постојан мониторинг на видовите и живеалиштата во заштитените подрачја и поддршка на одржливи форми на туризам.

 

Треба да знаете
Последни објави