Актуелниот фудбалски шампион на Македонија, тетовска Шкендија има катастрофален почеток на новата сезона, како на меѓународен план во квалификациите за Лигата на шампионите и за Лига Европа, така и на домашната сцена. Тоа фрустрирачки делува на раководството на тетовските „црвено-црни“ кое најавува дека ќе заигра „метлата“. Со соопштение за јавноста се огласи првиот човек во клубот Лазим Дестани, кој ги најавува промените.
-Сакам да го искажам моето незадоволство од слабите резултати на Шкендија. Овој голем пад никако не смееме да дозволиме да продолжи. Не ја гледаме онаа Шкендија што навикнавме во последните години. Тимот наместо да продолжи со успеси го стори спротивното во европските купови. Поразите во првите две кола на домашната сцена и ремито на последниот меч се исклучително фрустрирачки за мене и моите сорабоитници, како и за сите навивачи. Слабите резултати се јасен сигнал дека нешто не е како што треба и мора да се менува. Веќе составивме работна група која ќе ја анализира ситуацијата, по што ќе бидат извршени промени во сите сектори во клубот, вели меѓу другото Дестани. 