Има двајца од ВМРО-ДПМНЕ што имаат опсесивна потреба да ‘си го мерат својот авторитет’ со мене, напиша министерката за правда, Рената Дескоска на нејзиниот профил на „Фејсбук“, потенцирајќи дека со тоа не мисли на пратеникот Антонио Милошски или било кој друг од досегашниот преговарачки тим на опозициската партија.
„Дали на тој начин мислат дека ќе добијат ‘експертски шмек’ не знам, но очигледно е дека се залажуваат дека можат и знаат стручно да дебатираат. Бидејќи очигледно мојата вчерашна изјава за Планот Б внесе забуна во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, еве една постојна одредба од нашето позитивно право, која не е содржана во постојниот Закон за јавно обвинителство, во кој не се ни споменува именување на вршител на должност Републички јавен обвинител. А оваа одредба, која не е од 2/3-ски закон, веќе еднаш се примени во пракса и никој тоа не го оспори. Честит празник“, напиша министерката на социјалната мрежа, споделувајќи фотографија од одредбата.
Претходно, вчера, министерката за правда најави План Б доколку новиот закон за јавно обвинителство не биде донесен со дво-третинско мнозинство.