Кралицата Елизабета Втора го одобри барањето на премиерот на Велика Британија Борис Џонсон да ја суспендира работата на Парламентот во времетраење од пет седмици.
Владата на Велика Британија од кралицата побара суспензија да влезе во сила само неколку дена откако пратениците во септември ќе се вратата на работа, и на само неколку недели пред рокот за Брегзит, јави Би Би Си.
Џонсон најави дека за 14 октомври ќе го закаже говорот на кралицата (таа чита говор напишан од Владата), што ќе биде формален почеток на новата сесија заседавање на парламентот, на која ќе биде изнесена владината законодавна програма.
Потегот на Џонсон ефективно го затвора парламентот од средината на септември, со што драстично го намалува времето во кое парламентарците би можеле да се обидат да блокираат Брегзит без договор.
Британскиот премиер Борис Џонсон им пиша денеска на пратениците и им ја образложи својата одлука да побара од кралицата Елизабета Втора суспендирање на Парламентот. Тој во писмото наведува дека „разговарал со нејзиното височество, Кралицата, за да побара завршување на тековното заседавање на Парламентот”.
Неговиот потег ќе им предизвика проблем на пратениците кои сакаат со усвојување на нови закони да го спречат Брегзит без договор пред предвидениот датум за излез од ЕУ на 31 октомври.
Претседателот на Парламентот Џон Беркау го оцени потегот на Џонсон како „уставен срам”, чиј очевидна цел е „да се спречи Парламентот да расправа за Брегзит и да ја извршува својата должност да се пронајде правилниот пат по кој ќе се движи земјата”.
Лидерот на лабуристите Џереми Корбин рече дека е „вџашен од безобѕирноста на Владата на Џонсон која зборува за суверенитет, а сега бара суспензија на парламентот за да избегне да се види нивниот безобѕирен Брегзит без договор”.
Главниот претставник на Европскиот парламент за Брегзит, Гај Верховштад реагираше на Твитер за идејата на Џонсон.
– „Преземањето контрола” никогаш не изгледало така злокобно. Како колега пратеник, мојата солидарност е со оние кои се борат да се чујат нивните гласови. Сузбивање расправа за длабоки избори нема да помогне да се донесе стабилна иднина на односите меѓу ЕУ и Велика Британија, порача Верхофштад.
Првиот министер на Велс, Марк Дрејкфорд се придружи на барањата за нов референдум. „Борис Цонсон се бореше во референдуска кампања за да се врати моќта во рацете на Парламентот, а сега сака кралицата да ја затвори вратата на нашата демократија. Тврдењата на кампањата „Leave” (кампања за напуштање на ЕУ) се распаѓаат. Време е ова прашање да му го поставиме на народот, оцени тој на Твитер.
Првата министерка на Шкотска Никола Старџен порача дека денешниот ден, доколку пратениците со заеднички сили не го запрат Џонсон, би можел да биде запомнет како „црн ден за британската демократија”.
Петицијата со која се бара Владата да не го суспендира, односно да не го пророгира Парламентот веќе има 77 илјади потписи. „Парламентот не смее да биде пророгиран или распуштен освен ако (и само додека) периодот за исполнување на Членот 50 не биде доволно пролонгиран, или Велика Британија не се откаже од излегувањето од ЕУ”, се посочува во петицијата.
Известувачот на Би Би си кој го следи кралското семејство вели дека е невозможно кралицата да го одбие барањето на премиерот. Таа постапува според предлозите на премиерот и имал малку маневарски простор кога станува збор за политички одлуки, појасни новинарот.
Пророгација е суспендирање на Парламентот, односно одлужување на неговата работа пред да почне нова седница. Тоа го прави кралицата, на предлог на премиерот. Седниците на британскиот парламент вообичаено траат околу една година, но актуелнава се одвина повеќе од две годин и – уште од изборите во јуни 2017 година. За време на пророгација не се одржуваат расправи и гласање. Тоа не е исто што и распуштање на Парламентот, при што пратениците го напуштаат Парламентот и се распишуваат нови избори.
Последните два пати кога парламентот бил суспендиран беше по општите избори. Тогаш тој запре со работа четири, односно 13 работни дена. Пратениците мора да ги одобрат датумите на суспензија, но не можат да ја блокираат пророгацијата. Доколку Парламентот сега биде суспендиран, како што е најавено, тогаш тој ќе остане затворен 23 работни дена.
Би Би Си јави дека само мал број министри во Владата знаеле за планот на Џонсон.
По неговата најава се намали и вредноста на британската фунта. Фунтата падна на 1,2217 долари од околу 1,223 колку што беше курсот вчера, што е знак дека инвеститорите се загрижени поради можноста Велика Британија на 31 октомври да излезе од ЕУ без договор за разединување, со кој би се уредиле идните односи.