Српскиот претседател Александар Вучиќ се уште нема добиено покана од Полска да присуствува на одбележувањето на 80-годишнината од почетокот на Втората светска војна, пишува денешна Политика.
Од Министерството за надворешни работи на Србија за овој весник изјавија дека од амбасадата во Варшава добиле информација дека за настанот поканети се само членките на ЕУ, НАТО и на Источното партнерство.
Ова ќе биде втор голем настан на кој Србија нема да биде претставена согласно нејзината историска улога и статус на сила победничка, пишува Политика, која потсетува дека на 100-годишнината од победата во Првата светска војна, на 11 ноември минатата година во Париз, Франција го смести претседателот на Србија на споредни седишта, додека косовскиот претседател Хашим Тачи седеше веднаш зад рускиот претседател Владимир Путин.
Поканата за одбележување на јубилејната годишнина не ја примил ниту рускиот претседател Владимир Путин, што е потврдено за агенцијата Тасс од шефот на канцеларијата на полскиот претседател, Кристоф Шчерски, кој истакна дека полскиот претседател „одлучил да ги покани земјите од Европската унија и од Источното партнерство, Азербејџан, Ерменија, Белорусија, Грузија, Молдавија и Украина, а Русија, не учествува во ниту една од овие организации.”
Деновиве, околу Втората светска војна на Твитер се расправаа рускиот и американскиот амбасадор во Белград, Александар Боцан-Харченко и Кајл Скот. Рускиот амбасадор реагираше на објавата на неговиот американски колега по повод 80-годишнината од потпишувањето на Пактот Молотов-Рибентроп во Москва меѓу нацистичка Германија и СССР, според кој Германија ја нападна Полска на 1 септември 1939 година, а една недела подоцна тоа го стори и СССР, со што ја поделија Полска на два дела.
Скот напиша дека „двајца диктатори (Хитлер и Сталин) тајно ја поделија Источна Европа во нацистичката и советската сфера на влијание”, а една недела подоцна следуваше инвазија на Полска и ужасите од Втората светска војна. Боцан-Харченко му возврати дека трагедијата можела да се избегне доколку западните сили воспоставиле систем за колективна безбедност, предложен од СССР.
Обидот СССР да се прикаже како предизвикувач на Втората светска војна, според рускиот амбасадор, ја намалува меморијата на милиони жртви кои придонесоа за пропаѓање на нацизмот и ослободувањето на својот народ и народите на Европа.