На покана на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини и министерот за надворешни работи на Финска, Пека Хаависто (во својство на земја претседавач со Советот на ЕУ), министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров на 29 и 30 август 2019 година, во Хелсинки, ќе учествува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија и земјите-кандидати за членство во ЕУ.
Дискусиите на состанокот ќе се фокусираат на прашања за придвижување на регионалната соработка во областите од заемен интерес, додека пак на министерскиот работен ручек што ќе уследи после GYMNICH состанокот, ќе бидат разменети мислења околу и за поддршката на бранители за човекови права.
На маргините на состанокот, се очекува министерот Димитров да оствари и повеќе билатерални средби со свои колеги, а со кипарскиот Министер за надворешни работи, предвидена е и церемонија за потпишување на документ за воспоставување на дипломатски односи со Република Кипар.