Британскиот премиер Борис Џонсон им пиша денеска на пратениците и им ја образложи својата одлука да побара од кралицата Елизабета Втора суспендирање на Парламентот.
Тој во писмото наведува дека „разговарал со нејзиното височество, Кралицата, за да побара завршување на тековното заседавање на Парламентот”.
Неговиот потег ќе им предизвика проблем на пратениците кои сакаат со усвојување на нови закони да го спречат Брегзит без договор пред предвидениот датум за излез од ЕУ на 31 октомври.
Џонсон нагласи дека централниот дел на неговото законодавно дејствување ќе биде усвојување закон за излез од ЕУ и „обезбедување негово усвојување пред 31 октомври”.
– Како и секогаш, мојата врата е отворена за сите колеги кои сакаат да разговараат за тоа или било што друго, истакна британскиот премиер.
Претседателот на Парламентот Џон Беркау го оцени потегот на Џонсон како „уставен срам”, чиј очевидна цел е „да се спречи Парламентот да расправа за Брегзит и да ја извршува својата должност да се пронајде правилниот пат по кој ќе се движи земјата”.