Мицкоски со честитка за Голема Богородица

Честитка за Голема Богородица

 

Дозволете ми од мое лично име и од име на ВМРО-ДПМНЕ на сите верници од христијанска вероисповед да им го честитам денешниот празник Успение на Пресвета Богородица, со искрени желби за многу здравје, среќа и личен успех.

Нека денешниот празник внесе спокој во Вашите домови. Нека ваквите големи празници бидат мотив да се присетиме на клучните пораки кои ги шири Христијанството, а тоа е мирот и заедништвото, праведноста и добрината. Во овие несигурни и тешки времиња за нашата земја, да бидеме истрајни во нашата заложба за градење на заедничка иднина. Да се спротивставиме на неправдите, да се избориме за подобар живот. Да бидеме истрајни против корупцијата и криминалот кои го разјадуваат секое здраво ткиво од нашето општество, и не влечат надоле. Со заедништво да одговориме на поделбите, на нападите да одговориме со смиреност, и верба.  Мракобесието надвиснато над нашата земја да го победиме со одлучност и желба за обнова. Да се помолиме  за светол пат и чиста мисла.

 

Да живееме сакајќи ги нашите ближни. Пресвета Богородица е длабоко вкоренета во верувањата и традициите на нашиот народ, и овој празник има особена почит кај  народот и е дел од големата народна меморија. Нека е честит празникот и за многу години.

 

Бидете живи и здрави.

 

Треба да знаете
Последни објави