Членовите на Советот на јавни обвинители денеска ја продолжија седницата на која треба да биде донесена одлука во врска со постапката за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева поради нестручно и несовесно работење. Јанева во моментов е во притвор за предметот „Рекет” на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.
Претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штериев по завчерашната осучасовна седница, изјави дека тој и останатите членови на Советот успеале единствено да ги разгледаат списите, огромен број материјали кои до нив биле доставени во однос на истрагата за случајот „Рекет”. Најави дека со работа ќе продолжат денеска претпладне, и очекува да биде донесена одлука дали ќе ја почнат постапката за разрешување на Јанева.
Советот на јавни обвинители, како што рече Штериев, првпат се соочува со една ваква ситуација во која на шеф на Јавно обвинителство му е определена мерка притвор.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја осомничи Јанева дека ја злоупотребила службената положба и овластување и му овозможила на осомничениот Орце Камчев, во предметот „Империја”, да излезе од притвор и да добие времен пасош.
Обвинителката Вилма Рускоска завчера по состанокот во Советот на јавни обвинители каде беше неколку часа и одговараше на прашањата на членовите за постапката на разрешување на Јанева, изјави дека Обвинителството знае каде се дел од парите од „Рекет”. Посочи дека сé уште се работи на финансиската истрага и оти за дел од парите знат каде се, а за дел работат на тоа.