Европскиот ракометен шампион Вардар доживеа пораз од германски Кил со 30:34 (15:17) во полуфиналето на „Супер Глоуб”, кое се одржува во Саудиска Арабија.
Лошото второ полувреме како и одличниот голман на гостите, Данецот Никлас Ландин, кој беше прогласен за играч на мечот, беа најзаслужни што „црвено-црните” нема да ги гледаме во саботното финале.
На средината на второто полувреме, Германците направија клучна серија од 7:0 со која поведоа со 20:29 и потоа само го доигруваа дуелот.
Дибиров, Шишкарев и Чупиќ со по пет гола беа најефикасни во „црвено-црниот” тим. Билик даде девет, додека Екберг постигна шест за бундеслигашот.
Вардар во битката за третото место на неофицијалното Светско клупско ракометно првенство во сабота ќе се соочи со поразениот од втората полуфинална пресметка меѓу Барселона и домаќинот Ал-Вехда.
Фото: РК Вардар