Судењето за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година продолжува на 10 септември, откако денешното рочиште се одложи поради ситуацијата со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е во притвор за случајот „Рекет”.
Судијата Душан Јосифовски го одложи рочиштето по предлогот на одбраната. – Со оглед на наводите од странките да се почека одлуката на Советот за јавни обвинители за Катица Јанева, Судот донесе решение главната расправа да се одложи за 10 септември, изјави судијата Јосифовски, произнесувајќи се по предлогот на одбраната за одложување на главната расправа до целосно решавање на состојбата со Јанева.
Адвокатот Димитар Дангов го образложи барањето со член 370 став 2 од ЗКП.
– Општопознато е дека Јанева се наоѓа во притвор за предметот „Рекет”, а таа застапува повеќе предмети пред овој суд. Ова значи дека судот ценел дека Јанева можела да го повтори делото за овој и другите предмети и одлучил мерка притвор, истакна адвокатот Димитар Дангов.
Посочи дека Јанева според законот за СЈО е единствен надлежен застапник на предметите на ова обвинителство.
Обвинителката Фетаи посочи дека притвор може да се определи и по други основи и смета дека е потребно најпрво да се прибави решението за притвор на Јанева и да се види што точно се штити со таа мерка, за потоа да може да се произнесе судот по барањето за правото за нивното застапување на предметите.