Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека Вашингтон планира да го намали бројот на американски трупи во Авганистан.
Првично бројот ќе се намали на 8.600, а потоа ќе биде донесена одлука за понатамошно повлекување од таа земја.
Трамп за „Фокс њуз“ рече дека САД се приближуваат до договор со авганистанските талибанци, но не е сигурен дека тоа ќе се случи.
Пентагон развива планови за повлекување половина од 14.000 американски војници од Авганистан, а талибанците сакаат сите Американци да ја напуштат земјата.
Началникот на Генералштабот на американските вооружени сили, Џозеф Данфорд, вчера изјави дека е рано да се зборува за целосно повлекување од Авганистан.
Тој рече дека евентуалниот договор меѓу САД и талибанците ќе зависи од безбедносната состојба и дека на авганистанските сили сè уште им е потребна помош од САД.