Доделени наградите на фестивалот за документарен филм „Македокс“

Синоќа на затворњето на фестивалот за документарен филм „Македокс“ беа доделени наградите за кои одлучуваа пет комисии составени од 15 еминентни странски и домашни автори.

Наградата „Кромид“, за најдобар филм во главната програма ја доби филмот „Соло“ (Чешка, Франција, Аргентина,Австрија/ 2019/ 84мин. ) на Артемио Бенки. Овој филм, кој е предводен од еден лик, успева да пренесе повеќеслоен свет на филмското платно. Преку необичниот пристап и хипнотизирачкиот стил, филмскиот творец ги открива маките на протагонистот. „Соло“ е смел и интимен портрет на еден надарен музичар кој се обидува да воведе ред во својот живот и претставува чувствителна филмска приказна за луѓето кои ги обележуваме како „луди“.

Специјално признание во оваа категорија доби документарецот „Град на мртовци“ (Шпанија/ 2019/ 55 мин.) на режисерот Мигел Ек. Филмот ги прикажува различните лица на смртта преку една група обични луѓе. Внимателно конструираната приказна и прецизната кинематографија на филмот умешно нуди едно алтернативно гледиште на т.н. „херој на мисија“ – наратив што е присутен во многу современи документарци.

Со награди за најдобар филм на нов автор се закитија и македонскиот филм „Медена земја“ на  Љубомир Стефанов, Тамара Котевска и „Боговите на Моленбек“ (Финска, Белгија, Германија/ 2019/ 73 мин.) на Рета Хухтанен.

„Поради убавината и силата на сликите, срдечноста при набљудувањето на непознатата и сурова реалност и поезијата во визуелниот пристап, решивме да ја доделиме наградата на восхитувачкиот филм „Медена земја“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска“, велат од жири комисијата.

Наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток филм замина во рацете на филмот „Нашата песна за војната“ кој е неповторливо филмско искуство во кое животот и смртта се среќаваат во еден волшебен миг на помирување.

Германскиот филм „Ѕверот – воз со непознати“ на Мануел Инакер ја доби наградата „Кокарче“ – за најдобар студентски филм
жири: Јасмин Башиќ, Мартина Валентина Баумгартнер, Илеана Станкулеску, додека специјално признание за филм од студентската програма доби „Слушај, брат!“ – Русија на Александар Елкан.

На фестивалот беше доделена и награда за филм со најдобри етички идеи, што ја доби филмот „Боговите на Моленбек“ (Финска, Белгија, Германија/ 2019/ 73 мин.) на Рета Хухтанен.

„Размислувајќи за етичките идеи во филмовите, сакавме да ја земеме предвид врската меѓу творецот на филмот и протагонистите. Во филмот „Боговите на Моленбек“, децата никогаш не беа безобѕирно следени или набљудувани од камерата. Сѐ е снимено од нивното лично гледиште – технички преку задржување на камерата на нивото на очите на децата и емоционално преку нивелирање на приоритетите на самите деца во филмот. Младите протагонисти од различно културно милје можеа слободно да си играат и да се тркалаат додека, во исто време, меѓусебно си ги истражуваа филозофиите и верувањата без предрасуди. А ние имавме прилика да ги споделиме нивните младешки оптимизам и отвореност“, образложи жирито за Наградата за филм со најдобри етички идеи.

Фестивалот беше затворен со премиера на филмот „Медена земја“, по што следеше и концерт на групата „Фолтин“.

Треба да знаете
Последни објави