Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на денешната средба со германската канцеларка во Берлин ќе го пренесе ставот дека Владата на Грција ќе го почитува Договорот од Преспа, објавува „Екатимерини”.
– Што се однесува до договорот за името од Преспа, Мицотакис ги има сите причини да го истакне својот став дека грчката надворешна политика е стабилна и оти тој ќе го почитува секој договор потпишан од претходната администрација, наведува „Екатимерини”.
Привлекување директни странски инвестиции, презентација на претставувањето на владиниот план за реформи и развојните активности на Грција во текот за следната деценија (2020-2030) кои ќе се прошират меѓу другото и во секторите животна средина и енергетика, според грчки владини извори е целта на посетата на Кирјакос Мицотакис на Берлин и денешната средба со Ангела Меркел, jави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот премиер и германската канцеларка ќе разговараат и за прашањата што се однесуваат на сегашноста и иднината на Европа, како што се безбедноста и соработката во југоисточна Европа и улогата на Грција во соседството и ЕУ, а ќе стане збор и за конкретни теми како што се грчко – германските економски контакти, мигрантското прашање и односите со Турција.
Според истите извори посетата на Мицотакис на Берлин и средбата со Меркел ќе бидат првата страница од новото поглавје.
Премиерот на Грција ќе оствари средба и со заменикот канцелар и министер за финансии Олаф Шолц.