НСП: Спасовски да се изјасни за мобингот на раководители од МВР врз синдикалците

Раководители и високи функционери на МВР вршат мобинг, се одмаздуваат и жестоко напаѓаат членови на Независниот синдикат на полицијата (НСП) кои манифестираат непослушност или ненаклонетост поради заштита на работничките права, соопшти денеска портпаролот на НСП, Дејан Саздов.

Тој побара од министерот Оливер Спасовски да каже дали е запознаен со ваквата ситуација и дали ќе преземе соодветни мерки или и натаму ќе тврди дека во МВР се работи според законските прописи и подзаконски акти.

Саздов од името на Синдикатот јавно го праша Спасовски и дали ги добива писмените известувања за пријавените нерегуларности, незаконски постапки и мобинг од страна на неговите служби, посебно врз синдикалните претставници и членови на НСП.

Според Синдикатот, претседателот на огранокот од СВР Струмица, Ацо Балтовски, станал цел на високи функционери во МВР поради синдикални активности. Против него се покренати дисциплински постапки со кои, како што соопшти портпаролот на НСП, Дејан Саздов, некој се обидува да го замолчи.

-Дали сте запознаени со целосната состојба и дали знаете што потпишувате кога ви се доставуваат предлози, решенија и одлуки кои се однесуваат на синдикални претставници и членови на НСП? Дали ќе преземете мерки, особено поради несовесното работење во службата кон сите инволвирани раководители или и натаму ќе продолжите во вашиот стил и со молк ќе пратите порака за да го оправдате и поддржите таквото незаконско и неправилно однесување? Ќе се одважите ли барем еднаш да ни одговорите дали некој ве лаже вас или и натаму ќе молчите за да не уверите дека вие не лажете нас?, рече Саздов, упатувајќи ги прашањата до министерот Спасовски.

Синдикатот прашува и кој ќе ги сноси трошоците за поведените судски постапки против нивните членови за кои без причина се поведени дисциплински постапки.

-Постојат цврсти и непобитни докази со кои се офрлаат и поништуваат изнесените наводи како неточни и невистините. Тоа потврдува дека се работи за одмазди преку сериски напади врз интегритетот на секој синдикален претставник, член на НСП, нагласи Саздов.

Одговорајќи на новинарско прашање, тој повтори дека Синдикатот го поддржува спроведувањето на ветингот, но, МВР, за жал, како што рече, го негира НСП и сосема го исклучил и од овој процес.

Треба да знаете
Последни објави