Полска планира да купи 32 борбени авиони Ф-35 од САД, како дел од модернизацијата на армијата на земјата, јавија некои светски медиуми повикувајќи се на информации од висок функционер во полската администрација.
Полскиот функционер потсетил дека претходно претседателите на САД и Полска потпишале договор за заедничка одбрана, кој вклучува зголемување на американскиот контингент во земјата за илјада луѓе.
Покрај тоа, Полска спроведува воена модернизација и „планира да купи 32 борбени авиони Ф-35″, додал тој.
Полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак претходно изјави дека Полска се договорила со САД околу локациите на нејзина територија каде што ќе бидат распоредени дополнителните американски трупи.
– Подготвени сме да објавиме информација за тоа каде ќе бидат стационирани војниците, истакна Блашчак, без да ја наведе локацијата.
Според Блашчак, воената спогодба меѓу Полска и САД требало да биде договорена за време на посетата на американскиот претседател Доналд Трамп, која е откажана поради ураганот Доријан, но полскиот министер нагласи дека веќе е постигната согласност за некои прашања.