Новата генерација полициски службеници со висок просек на бодување ја заврши едногодишната основна обука во Центарот за обука на МВР, што говори дека се исклучително мотивирани да ги исполнат идните професионални ангажмани во полицијата, рече премиерот Зоран Заев на промоцијата на новите полициски службеници во Идризово.
– Се радувам заедно со сите Вас затоа што со голем успех, во просек од 530,92 бодови од вкупно 600 ја завршивте обуката за совладување на потребните компетенции за полициски службеници. Радува и податокот што дури 528 од вкупно пријавените на стартот 550 кандидати ја завршија оваа обука. Тоа говори за Вашата висока мотивација да успеете во исплонувањето на професионалните ангажмани во полицијата, истакна Заев.
Посакувајќи им успешна кариера, премиерот Заев посочи дека полицајците имаат благородна функција да обезбедуваат безбедност и сигурност за сите.
– За време на вашата обука научивте какви се очекувањата од исполнувањето на вашите должности како полициски службеници, научивте дека тие должности треба да ги исполнувате достоинствено, со почит кон другите, со сочувство, со чесност, храброст и внимание. Уверен сум дека обуката ве подготви да ги извршувате задачите најдобро што можете. Секоја задача што ќе ја добиете ќе биде важна зошто е во служба на заштита и на услуга на граѓаните, зошто е во насока на заштита на правото и правната држава, им порача премиерот на новите полициски службеници.
Тој упати честитки и на инструкторите за грижата да обезбеди континуитет на професионалните ресурси.
– Од Вас млади колеги, како идни полициски службеници се очекува пожртвуваност и посветеност на работата, отвореност и одгововорност, чесност и хуманост, атрибути што треба да бидат основата на вашите професионални стандарди и професионален и човечки интегритет. Од Вас ќе зависи борбата со сите предизвици и сите видови на криминал со кои се соочува едно општество, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред новите полициски службеници.
Нагласи дека полицијата е во период на реформирање и целосно нејзино сообразување со модерните трендови и стандарди на работење на европските полициски служби.
– Вашиот прием во полицијата колку што е реален успех и гордост за вас и вашите најблиски, во иста мера треба да се разбере и како инвестиција во иднината на ресорот за внатрешни работи, како наш заеднички влог во заштитата и безбедноста на граѓаните и на државата. Тоа е сериозна и света обврска којашто, убеден сум, заедно ќе ја остваруваме постојано преку секојдневните работни ангажмани и задачи. Пред нас се нови и ниту малку лесни придизвици. Во изминатиот двегодишен период ние конкретно покажавме дека МВР има професионалци, има капацитет и потенцијал далеку поуспешно да се остварува сите законски надлежности и задачи, потенцираше Спасовски.