Наставниците утре нема да ги примат децата во училиштата, велат од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) најавувајќи го утрешниот предупредувачки штрајк бидејќи се незадоволни од покачувањето на платите за 5 отсто.
„Сите наши членови ќе дојдат на работа, ќе бидат во една просторија додека трае работниот ден, но нема да ги прифатат децата кои ќе дојдат на училиште. Ова ќе биде предупредувачки штрајк. Од вторник наставниците ќе одржуваат настава, но бараме преговори со Владата за исполнување на нашето барање за покачување на платите на просветните работници за 25 отсто. Ако до крајот на септември не се исполни нашето барање, во октомври ќе излеземе на штрајк“, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.
Министерот за образование Арбер Адеми денеска на прес-конференција во Владата ги повика наставниците и вработените во училиштата утре да почнат со настава и да ги прифатат децата.
За Неделков, изјавите на министерот за образование Арбер Адеми настава в понеделник да се одржи и училиштата да бидат отворени да ги примат децата, се еден вид притисок.
„Се врши притисок на наставниците, особено на оние кои треба да прифатат првачиња. Добиваат телефонски повици утре да ги примат децата“, рече Неделков.
Од СОНК велат дека кон предупредувачкиот штрајк можат да се приклучат и оние кои не се членови на синдикатот, објави САКАМ ДА КАЖАМ.