За две години Албанија ја напуштиле 6.500 медицински сестри, а таа бројка постојано расте.
Ова за тиранската телевизија Ора њуз го изјави Елсон Јачај, претседател на друштвото на медицински сестри, искажувајќи при тоа загриженост бидејќи масовното заминување на здравствениот персонал во западно европските земји, пред се Германија, ќе предизвика сериозни последици во овој сектор.
Додава дека меѓу оние кои сакаат да ја напуштат Албанија се и лекарите,кои поттикнати од високите плати и многу подобрите услови за работа многумина одат на курсеви по германски јазик за подоцна да почнат со работа во оваа земја.
-Обемот на работа е зголемен, но бројот на здравствениот персонал е ист или се намалува па на секоја медицинска сестра двојно и се зголемува обемот на работа. Со таков товар се намалува квалитетот на здравствената услуга. Во последните две години скоро 6.500 медицински сестри ја напуштија земјата, а само од Универзитетската клиника „Мајка Тереза”околу 150, изјави Јачај.
Нагласува дека ако е тоа толку очигледно во Унверзитетската клиника, истата ситуација се случува и во другите регионални болници и оти овој феномен не ги погодил само институците од јавното туку и од приватното здравство.
-Алармантните податоци треба да ја „разбудат” владата, која треба да ги зголеми платите на лекарите и медицинските сестри, како и да ги подобри условите за работа.Сакаме тие да не се зенимаваат со ветувања, туку со вистинските работи и потреби во здравјето, порачува Јачај, додавајќи дека пред заминување за Германија се околу 200 медицински сестри.
Од Лекарската комора, пак, потврдуваат дека само лани земјата ја напуштиле 164 лекари,поради што веќе се чувствува недостиг на лекари посебно во внатрешноста.