Голем број на мигранти во текот на вчерашниот ден пристигнале на дел од грчките острови. Според известувањта на грчките медиуми ова е прво масовно доаѓање на мигранти од Турција во последните три години. Напливот на неочекувано големиот број на мигранти бил причина грчките власти да го повикаат турскиот амбасадор на разговор.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) на Македонија информираат на нашата територија и границите состојбата со мигрантите е стабилна. Надлежните ја следат ситуацијата постојано, како во Грција, така и во другите земји од опкружувањето со кои се во координација и се преземаат соодветни мерки. Според МВР во моментов нема никаква причина за вознемиреност. Според официјалните информации на МВР обидите за нелегален премин на јужната граница во првата половина од годинава бележат зголемување во однос на лани, но сепак тоа било во рамки на просекот за оваа година.
Од почетокот на годината па заклучно со јуни на границата со Грција биле спречени 10.017 обиди за илегално преминување што е зголемување за два пати во однос на лани кога во истиот период биле спречени околу 4800 обиди. Во истиот период од оваа година полицијата открила и 33 случаи во обид да бидат прокриумчарени 492 мигранти. Против 44 лица се преземени мерки на кривичен прогон за сторени 24 кривични дела криумчарење на мигранти.
Во транзитниот центар Винојуг во Гевгелија моментално се сместени 34 лица, претежно од Ирак и Бангладеш. Од нив 12 се деца.