Со осум засилувања, солидни подготовки и спортски оптимизам, ракометарите на „Еурофарм Работник” го пречекуваат премиерниот натпревар во регионалната СЕХА лига кој в среда (20.45 ч.) навечер ќе го одиграат со рускиот ракометен гигант „Спартак” од Москва. По 15 години повторно во битолската спортска сала ќе се игра врвен меѓународен ракомет.
– Екипата на „Спартак” од Москва е со највисок ранг во рускиот ракомет, тим со повеќе ракометни репрезентативци, а тоа за нас е дополнителен мотив, сезоната да ја почнеме со победа. За претстојните 20 меѓународни натпревари реализиравме солидни подготовки како за СЕХА лигата која што е атрактивна бидејќи во Битола ќе гостуваат Веспрем, Загреб, Мешков Брест,..така и Лигата на шампиони која е помалку атрактивна, но со исклучително силни и квалитетни клубови и национални шампиони, истакна Стевче Алушовски, тренерот на битолчани.
Во РК „Еурофарм Работник” оваа ракометна сезона меѓу другите ракометари ќе настапуваат 6 македонски ракометни репрезентативци, но и репрезентативци на хрватската, црногорската и селекцијата на Босна и Херцеговина.
– Со нетрпение го очекуваме првиот натпревар. Знаеме дека публиката ќе биде наш 8 играч и таа е долги години очекуваше вака голем спортски настан и натпревар. Формално сме дебитанти, но градот е со ракометна традиција и затоа ќе дадеме се од себе успешно да го претставиме битолскиот и македонскиот ракомет, изјави капитенот Гоце Ојлески на прес конференција во Битола.