Македонски средношколци освоија еден златен и три бронзени медали на Светската олимпијада по геонауки

Еден златен и три бронзени медали освоија македонските средношколци на 13. Светска олимпијада по геонауки ИСЕО 2019 што се одржа во Дагеу, Јужна Кореја.

„Се враќаме со бронзен медал од севкупната категорија, едно злато во категоријата теренски анализи и две бронзи од практичните истражувања и презентации“, објавија од Македонското географско друштво кое прв пат учествуваше на Светската Олимпијада за геонауки.

На Олимпијадата се натпреваруваа четворица ученици од нашата држава, кои Македонското географско друштво ги избра по пат на пласман на државните натпревари по географија и спроведениот селекционен натпревар. Тоа се: Сара Стојчевска, Кристина Спасовска и Јована Маниќ од СОУ Гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово и Оливер Куновски од СУГС „Орце Николов“ во Скопје.

Учениците ги подготвуваа д-р Ивица Милевски, д-р Свемир Горин и д-р Билјана Апостоловска Тошевска, професори на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Настанот почна на 26 август и ќе трае до утре. Олимпијадата се одржува континуирано од 2007 година, а годинава се натпреваруваа учесници од 40 земји.

Треба да знаете
Последни објави