Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска оствари протоколарна средба со заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Јулиан Васало. Оваа средба воедно означуваше и завршување на двогодишниот проект финансиран од Европската Унија „Поддршка на Собранието во имплементација на реформите“.
На средбата, покрај претседателот Џафери, присуствуваше и генералниот секретар Иванова и двајцата експерти кои го спроведуваа проектот, Едмонд Милетиќ и Тибор Драшковиќ.
Претседателот Џафери му посака добредојде и успешна работа на новиот заменик-шеф на Делегацијата и даде краток вовед за минатиот период на соработка со Делегацијата на ЕУ, истакнувајќи притоа задоволство и благодарност за придонесот во постигнувањето на резултатите и реформите во Собранието. Го спомна Стратешкиот план, амбициозен документ што е основата врз која се планира понатамошното подобрување на функционалноста на Собранието, меѓутоа не го изостави и Дијалогот Жан Моне – отворен и искрен дијалог меѓу политичките претставници во законодавниот дом.
Притоа, се заблагодари на тимот од двајца квалификувани експерти кои во текот на двете години интензивна имплементација на проектот во соработка со Собранието изготвија неколку документи со цел поддршка на тековниот реформски процес. Експертскиот тим помогна во изготвувањето на етичкиот кодекс и амандманите на Деловникот во рамките на тековниот Дијалог Жан Моне поддржан од Европскиот парламент. Во рамките на проектот беа овозможени обуки за собраниската служба, за советниците на собраниските тела и на пратеничките групи. Дополнително, беа изготвени документи и препораки за зајакнување на финансиската и административната независност на Собранието, за координацијата помеѓу Собранието и Владата, и за надзорната функција на Собранието.
Васало се заблагодари на приемот и нотираше дека Собранието, и покрај збиената агенда, овие две години направи многу во насока на отчетноста, транспарентноста и функционалноста за што е потврда и Извештајот за напредокот на земјата и затоа се согласи со претседателот Џафери дека сосема е заслужено да очекуваме одлуката на Советот во октомври да биде позитивна.
Двајцата експерти се заблагодарија на соработката и професионалниот однос на собраниската служба и потврдија дека Собранието има одлична основа за постигнување на поставените цели, односно финансиска независност, независна служба и обезбедување.