Фактот дека се вративме на ситуацијата од 2012, е прекршување од страна на Турција, а турската страна треба да разбере дека овие работи не ги сметаме за нормален процес и нормален ден, вели министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас во интервјуто за грчкото радио „Алфа989″, во однос на зголемениот бран бегалци и мигранти од Турција и демаршот доставен до Анкара.
Со одлука на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во петокот во грчкото МНР бил повикан амбасадорот на Турција во Грција и му бил доставен демарш откако за само еден ден од турското крајбрежје, на грчкиот остров Лезбос пристигнаа над 500 бегалци и мигранти, jави дописничката на МИА од Атина.
-Конвенционална обврска на Турција и обврска предвидена во Договорот од 2016 со Европската унија е да не се претвора во транзитна точка за нелегални мигранти. Според тоа, независно од мотивите на другата страна, самиот факт дека се вративме на ситуацијата од 2012, односно над 500 луѓе во Митилини и вкупно скоро 700, е прекршување од страна на Турција и грчката влада, со одлука на премиерот, оцени дека тоа е нешто многу сериозно и ќе треба на најјасен можен начин да постои демарш до турската страна за да разбере дека овие работи не ги сметаме за нормален процес и нормален ден, вели Дендиас во интервјуто за грчкото радио „Алфа989″.
За ексалацијата на турските провокации во Егејското море, но и за фотографијата што денеска ја објавуваат грчките медиуми, според кои, Ердоган е со мапа на која Турција има доминација речиси во половината од Егејското море, Дендиас вели дека „добро ќе биде да стане сериозна и да се врати на меѓународното право”, за сериозно да разговараат.
-Турција во овој момент функционира како бељаџија во регионот. Ова, не ѝ помага ни на самата Турција. А ние, не сме на располагање да следиме една таква удолница, вели Дендиас.
Шефот на грчката дипломатија додава дека Грција реагира трезвено, но тоа не треба да се разбере погрешно.
-Тоа што ние не се однесуваме како балкански бељаџија не значи дека не знаеме да ги заштитиме нашите национални права, истакнува тој.