Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека го извршиле кривичното дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 53-годишен жител на Тетово и неговиот 27-годишен син како соизвршители заради продажба држеле 9450,00 грама наркотична дрога марихуана. На 30 август, позади бензинска пумпа во Тетово, осомничените го паркирале нивното патничко моторно возило марка „БМВ“ со цел да вршат продажба на дрогата. Полициски службеници од СВР Тетово, го забележале возилото и дрогата во него, па веднаш го заплениле.
Јавниот обвинител кој постапува во предметот ценеше дека има потреба од обезбедување на присуство на осомничените за непречено водење на истражната постапка, па од тие причини до судијата на претходна постапка во Основниот суд Тетово достави предлог за определување на мерката притвор. Судот на двајцата осомничени им определи притвор во траење од 30 дена.