Власта и опозицијата се уште се без договор за новиот закон за јавно обвинителство. Извори од преговарачките тимови брифираат дека се водат интензивни преговори но не е е постигнат компромис. Од опозициската партија ја повикаа владеачката СДСМ да се заложи за усвојување на закон за јавно обвинителство без скриени намери. Велат дека не е лесен предизвик за стигнување до заеднички текст но не е ниту невозможен.
И од преговарачкиот тим на власта велат дека се уште постојат разлики но разговорите ги оценуваат за конструктивни. Оптимисти се дека ќе се постигне договор.
Од исходот на преговорите меѓу политичките партии по законот за јавно обвинителство, зависи и процесот на негово усвојување во Собранието. Денеска се одложи законодавно-правната комисија, а неизвесно е и кога законот ќе се најде пред комисијата за европски прашања. Претседателот на комисијата вели дека штом добие зелено светло дека тимовите постигнале согласност, веднаш ќе го закаже продолжението на седницата.
Спојување на СЈО со обвинителството за гонење организиран криминал, посебно одделение во рамки на ова обвинителство, иднината на обвинителите од СЈО – се дел од прашањата на кои одговори бараат преговарачките тимови на власта и опозицијата.
Во меѓувреме се очекува и расправата за разрешување на специјалната обвинителска Катица Јанева..Извештајот испратен од Советот на јавни обвинители, пристигна во рацете на претседателот на комисијата за избори и именувања како класифициран документ со доверливи инфомрации. Димовски најави дека по консултации со членовите на комисијата во текот на утрешниот ден, ќе објават кога ќе се одржи седницата и дали таа ќе се одвива зад затворени врати.