Книгата „Автори и дела, 6“ во издание на „Бата прес“, 2019 е најновиот труд на лингвистот, критичар и поет Васил Дрвошанов, автор на 30 книги, за кои е добитник на повеќе награди.
Делото содржи прилози од областа на лингвистиката, на книжевноста и на културната историја. Станува збор за анализа на дел од творештвата на Олга Иванова, на Драги Стефанија, на Стојан Ристески и на Милован Стефановски.
Носечки текстови во книгата се студиите за творештавата на Иванова и на Стефанија.
Во студијата за Иванова, за првиот доктор по македонската ономастика, авторот дава пресек на нејзината научна дејност на полето на ономастиката, а во студијата за Стефанија, за универзитетскиот професор по македонистика во Словенија, се анализираат неговите македонистички трудови.
Прилозите за Ристески имаат хетероген карактер, а прилогот за Стефановски се однесува на дел од неговата поезија.
Заеднички признак на сите написи е македонството, под кое авторот ги подразбира позитивните духовни и интелектуални карактеристики на благородниот Македонец. Токму тој признак е предизвикот Дрвошанов да го подложи на критичко набљудување секое од делата со цел да се афирмираат пораките што тие ги носат до сегашните и до идните поколенија.