Со барањата од грчка страна за враќања на мигранти во Турција, реално ќе се оцени дали Турција сака да го спроведе договорот со Европа, вели алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис во интервјуто за грчкото радио „Тема” и објаснува дека промените што владата планира да ги направи во процесот за добивање азил, веројатно ќе дојдат порано од планираното, jави дописничката на МИА од Атина.
Долгиот процес што трае од две до три години, според Варвициоти, резултира со „исчезнување” на мигрантите низ Грција и неможност по негативниот одговор на нивното барање тие да се пронајдат за да се вратат во Турција.
-Турскиот одговор на нашите демарши е дека сакаат да се спроведе договорот Европа Турција, кој предвидува враќања во Турција. Во изминатиот период и поради законскиот статус не можеа да се завршат процедурите за доделување азил во разумен временски период. Потребни беа две, две и пол, па можеби и три години, со резултат кога доаѓаше негативната одлука, барателот да е исчезнат и да не можат да го најдат за да го вратат назад. Ова е нешто што сакаме да го смениме, да биде пократко за да можеме да започнеме со враќањата, односно со барањата за враќања и таму реално ќе се оцени дали Турција сака да го спроведе договорот Европа Турција, објаснува Варвициотис во интервјуто.
Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција вели дека условите во прифатните центри на островите Лезбос и Самос и поради пренатрупаност и поради тоа што вистинските проблеми не биле решени во изминатите 5 години не одговараат на земја кој што ги почитува човековите права.