И обвинетите во „Траекторија“ бараат изземање на Јанева

Адвокатите на обвинетите од СЈО за аферата „Траекторија“ побараа изземање на СЈО и неговите обвинители, заменици на Катица Јанева. Барањето го поткрепија со фактот дека токму за Јанева се води постапка за евентуално нејзино разрешување пред Советот на јавни обвинители.

– Самата постапка на Советот за нас е доволна да се посомневаме во легитимноста на ова обвинение во овој или друг предмет, изјави адвокатката Тања Поповска.

Еленко Миланов, адвокатот на Миле Јанакиески, рече дека се приклучува на ова барање на неговата колешка, бидејќи двајцата обвинители, Фатиме Фетаи во предметот „Насилство“ и Бурим Рустеми во „ТНТ“, изјавиле дека тие како обвинителски тим кој ја застапува Јанева се обратиле до Советот на јавни обвинители да им укаже за нивното понатамошно постапување за предметите кои се во главна расправа, за што заклучно со вчера не добиле известување.

Адвокатот Еленко Миланов посочи дека застапникот на обвинението, обвинителката Лиле Стефанова е и сведок против нејзиниот властодател Јанева во случајот „Рекет” и додаде дека неколку предмети во фаза на предистражна и истражна постапка или за кои се поднесени обвиненија можат да бидат поврзани со оваа афера.

Тоа додаде, според него е доволен основ Стефанова да биде изземена од предметот „Траекторија”.

Случајот „Траекторија” се наоѓа во доказна постапка и во него се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, на кого му се суди во отсуство, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и екс-директорот на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на Буџетот од најмалку 155 милиони евра.

Треба да знаете
Последни објави