Новинарот Томислав Кежаровски изрази незадоволство од денешната одлука на Кривичниот суд да не му се суди за случајот „Ликвидација”, откако Обвинителството побара од судот да констатира застарување на кривичното дело.
Обвинителката од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Марија Ѓорѓева, на денешното рочиште во предметот „Ликвидација“, рече дека настапила апсолутна застареност за кривичните дела за обвинетиот судија Валентин Зафиров, новинарот Томислав Кежаровски, адвокатот Сашко Лазаров и Јане Павловски.
Кежаровски за време на рочиштето побара шанса да докаже дека е невин.
-Сакам судот да ме ослободи, односно да добијам ослободителна пресуда, а не поради застарување или примена на поблага законска одредба, судењето тука да запре. Го замолувам судот, да ги погледне доказите и да види дека никогаш не го открив идентитетот на заштитениот сведок и не го открив неговиот телефонски број. Барам шанса да ја докажам вистината, рече Кежаровски во судница.
Тој и по завршување на рочиштето рече дека одлуката на Обвинителствот е скандалозна.
-Сега сум осуден по втор пат и тоа на доживотна казна затвор, бидејќи немам право да се жалам и да ја барам правдата. Ова значи дека се било залудно. Засекогаш ќе се закопа и полициската местенка на лажниот сведок во „Ореше“, изјави Кежаровски за Фокус.
Тој во 2013 година беше осуден за откривање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“ во текст во списанието „Репортер 92“, со што според судот му го загрозил животот. Кежаровски помина пет месеци во притвор, во истражниот затвор „Скопје“, а потоа беше во домашен притвор. Според Кривичниот суд,тој беше осуден на 4 години и шест месеци, а Апелација му ја намали казната на две години.