Оргaнизаторите на протестите „1 од 5 милиони” кои речиси 10 месеци континурано секоја сабота протестираат во Белград и другите градови во Србија против власта на Александар Вучиќ, денес ги повикаа граѓаните и партиите на бојкот на престојните редовни избори на пролет идната година.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, организаторите на прес-конференција пред српскиот парламент изјавија дека ниту една од 42-те препораки и шесте заклучоци на Експертскиот тим на протестите не се исполнети, поради што сметаат дека нема услови за фер и слободни избори.
Тие ги повикаа сите здруженија, политички и не-политички организации и синдикатите да ја поддржат идејата за бојкот.
-Кога имаме состојба во државата каде е сеприсутна манипулацијата на Александар Вучиќ и на Српската напредна странка (СНС), распространетото лудило што го шират и создаваат во оваа земја, непостојат никакви услови на овие избори да се излезе. Бојкотот е единствената опција како прв чекор што треба да се оствари за да се избориме за достоинствен живот во оваа земја, изјави Валентина Рековиќ од „ 1 од 5 милиони “.
„Сметаме дека не е време за опстанок на нечии организации, дека ова не е време некој пратеник да биде во Собранието за да преживее, ова е време кога сите треба заедно да се бориме во овој кризен момент и сите заедно да му покажеме на овој систем дека ние не сме негов дел и дека не го поддржуваме. Бојкотот е нешто што го менува овој систем, бојкотот е единствениот одговор на ова лудило и на оваа ненормална држава, кажа Срѓан Марковиќ”, еден од организаторите на протестите.
Досега бојкот од страна на опозицијските партии изгласа- Народната партија (НС) на Вук Јеремиќ, Двери на Бошко Обрадовиќ, Партијата за слобода и правда (ССП) на Драган Ѓилас, а до 15 септември се очекува тоа да го сторат и Демократската пртија (ДС) и останатите партии и организации од коалицијата Сојуз за Србија (СзС).